И покрај очекувањата на јавноста, средбата која утрово се одржа помеѓу дебарско кичевскиот митрополит г. Тимотеј и градоначалникот на општина Струга Зијадин Села, со цел решавање на проблемите околу изградбата на црквата Св. Димитрија во село Октиси, заврши без конкретен договор.

По получасовната средба која започна во 11 часот, г. Тимотеј не даде изјава за новинарите, додека пак струшкиот градоначалник со краток коментар дека   проблемот е од верски карактер и дека ќе даде свој придонес за решавање на проблемот од страна на верските заедници.

Целта на средбата не беше да се договориме, туку да овозможиме граѓаните мирно и спокојно да живеат  и помеѓу нив да нема вакви верски проблеми, изјави Села.

Околу поднесеното барање, за времена мерка за запирање на активностите околу изградбата на црквата, Села смета дека е најдоброто решение во моментов.  

Таа мерка е и од безбедносни причини. Со тоа ќе се даде време да се смират страстите и верските заедници да се договорат, рече струшкиот градоначалник.

Иако беше најавено, на денешната средба не присуствуваа претставници од Исламската верска заедница.

Тензиите околу изградбата на црквата во Октиси започнаа во неделата, непосредно пред најавеното осветување на темелите кога околу локацијата на која е предвидена изградбата ,се насобраа жителите муслимани , по што дојде до собирање и на жителите Македонци, по што мораше да интервенира и полицијата. Страстите се смирија по пристигањето на струшкиот градоначалник и митрополитот г. Тимотеј кои најавија средба на која ќе се разговара за надминувањето на настанатите проблеми.

Т.К.