Новоизбраниот градоначалник на општина Охрид, Никола Бакрачески, деновиве,  оствари работна средба со  извршните директори  на ниско буџетниот авио превозник“Визер“, претставници од Министерството за транспорт и врски  и претставници  на ТАВ  аеродромите од  Скопје и Охрид, на кои се разговарало  за можностите за зголемување на фреквенцијата на летови на охридскиот аеродром.

– Фундамент на секој развиен регион без кој што не може да се замисли економскиот раст и развој , но и она без што во иднина не можеме да го замислиме  унапредувањето на туризмот во градов е  стабилен  и континуиран авионски сообраќај. Имавме мошне конструктивни разговори околу можностите и капацитетите на овој регион , за реализација на поголем број  летови од охридскиот регион. На иста маса ги седнавме луѓето од Компанијата Визер од ТАВ и претставниците од експертската јавност, и разменувавме идеи и предлози на кој начин ние како локална самоуправа , можеме да дадеме наш придонес во субвенционирањето што Владата на Република Македонија го чини изминатиов период во поглед  на летовите . Целта е  охридскиот аеродром да проработи онака како што треба и да се зголеми фреквенцијата на летови од овој аеродром,што ќе допринесе кон зголемување и на странските инвестиции и економски раст и развој на општината, изјави Бакрачески.

На средбата  меѓу другото се разговарало за директни  авио линии кон Италија , Австрија и Германија. Со тоа би се развиле не само бизнис летовите туку и летови кои се наменети за нашинци  кои привремено престојуваат во овие земји. Според учесниците на работната средба, за Визер особено би биле интересни градовите од Југозападниот регион на земјава вклучувајќи ги и  Охрид , Струга, Ресен Битола и Македонски Брод како и  албанските градови: Корча и Поградец затоа што имаат  популација од 750 односно 800 илјади  жители.

–    Тие би биле потенцијална можност за зголемување на фреквенцијата на патници на охридскиот аеродром . На тој начин ќе ги задоволиме потребите на сите страни, на локалната самоуправа односно во нејзините заложби да се зголеми фреквенцијата на авионските линии од нашиот аеродром. Секако својот интерес ќе го најдат  и ТАВ како сопственик на аеродромите  како и ниско буџетниот Визер кој ќе има максимална исполнетост на авионите со кои располагаат, беше изјавено по средбата.

Претставниците на ниско буџетната Визер биле информирани  дека според некои неофицијални статистички податоци во делот на авио превозот од скопскиот аеродром граѓаните кои живеат во југозападниот дел на Република Македонија партиципираат со околу 30 % за летови кои што се насочени кон Северна Италија, Швајцарија Австрија и Германија. 
 
Новата локалната самоуправа најавува дека ќе  учествува со дел во субвенционирањето на  агенциите и туроператорите  во цената на чинење на авио билетите, за да може одреден број летови да се реализираат во текот на целата година.

OhridNews