Денеска и утре, 20-ти и 21-ви јуни 2017 година, претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, заедно со владина делегација е во дводневна работна посета на Република Бугарија, каде што ќе има средби на највисоко владино и државно ниво.

Во составот на владината делегација се заменик на претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, министерот за надворешни работи, Никола Димитров, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески и министерот за култура, Роберт Алаѓозовски.

„Стратешки определби на Република Македонија се интеграциите во Европската унија и НАТО. Остварувањето на овие цели значат долгорочна стабилност и безбедност за граѓаните на Македонија, но и за целиот регион. Затоа, поддршката од соседите е од големо значење, а ние како одговорна Влада сме подготвени да бидеме активен дел од значајните добрососедски и интегративни процеси“, е ставот со којшто е дојден премиерот Заев на официјалните средби во Бугарија.

Првата средба на премиерот Заев е со претседателот на Владата на Република Бугарија, Бојко Борисов, по што владината делегација на Македонија во Бугарија ќе има средба со претседателот на Република Бугарија, како и работна вечера со претседателот на бугарскиот Парламент, Димитар Главчев.

Во рамките на владината посета во Бугарија предвидени се и одделни средби помеѓу министрите од Република Македонија и нивните колеги од Бугарија. 

OhridNews