Учениците од средното стручно училишта „Св. Кирил и Методиј“ (Економско), организираа хуманитарни активности на кои собраа 100 000 денари кои ќе бидат донирани на нашиот сограѓанин Ивица Попоски, кој се бори со тешка болест на бубрезите и му се потребни финансиски средства да продолжи со лекување.
Во моменти кога нечиј живот зависи од нашата хуманост, ние — како Ученички совет — стоевме обединети. Со огромна посветеност и желба да помогнеме, организиравме хуманитарни акции и успеавме да собереме над 100.000 денари . Ова уште еднаш докажа дека нашето училиште е симбол на добрина и солидарност, соопшти училиштето.
Учениците и училиштето упатија благодарност до сите што ги помогнаа нивните хуманитарни активности.
Организиравме хуманитарна забава во „Ликвид“, и од срце му благодариме на локалот што го донираа цел промет од таа вечер и за нивната поддршка и отворено срце. Благодарност до ЈП Градски Пазар Охрид кои несебично ни обезбедија тезга, каде што нашите ученици продаваа вкусни зимници донесени од нивните домови. Благодарност до секој ученик, наставник и граѓанин што придонесе. Заедно покажавме дека хуманоста е најголемото богатство што го имаме, стои во соопштението.
Г.М.















