Во дворот на средното стручно училиште „Св. Кирил и Методиј“, денес, се одржа саем на виртуелни компании при што средношколците го покажаа наученото во рамки на практичната настава во однос на работењето на една компанија, менаџирањето, промовирањето, изработувањето на готов производ.
Истовремено, се одржа и отворен ден со цел промоција на можностите за учење и следење на наставата во ова средно училиште за основците кои сега го завршуваат основното образование.
Како што истакна директорката на училиштето, Славица Костоска, во идната учебна година во „Св. Кирил и Методиј“ ќе може да се запишат вкупно 140 ученици, во четири паралелки од економско-правна и трговска насока и една медицинска паралелка.
– Училиштето располага со големи можности за изучување на материјалот и следење на наставата, но за жал интересот е се помал за запишување поради опаѓање на наталитетот во Македонија, одливот на млади, вели Костоска.
Флаери со условите за запишување во СОСУ „Св. Кирил и Методиј“, со цел промоција на училиштето, се доставени во сите основни училишта во општината.
Т.К.

















