Во присуство на голем број членови на Српското друштво „Коштана“ и гости, меѓу нив и почесниот конзул на Република Србија во Република Македонија со седиште во Охрид, м-р Михајло Филев и градоначалникот на Општина Охрид Кирил Пецаков, српската заедница во Охрид, со пригодна свеченост го одбележа православниот празник „Св. Сава“.

Со традицоналната прослава со славски колач, пченица и свеќи, богата трпеза и културна програма православните Срби од Охрид на достоинствен начин му одадоа чест на овој светец.

Бидејќи денес е Ден на Србите, сакам да ја искористам можноста да им го честитам овој наш национален празник, Свети Сава, на сите Срби овде на територијата на градот Охрид и на сите Срби во Република Македонија. Свети Сава има огромно значење за нас Србите, како во однос на писменоста, така и во однос на верата, однесувањето, така и во однос на негувањето на хармонијата и единството меѓу луѓето. Затоа овој ден е особено важен за нас и се надевам дека ќе го славиме уште многу години, заедно секако со пријателскиот македонски народ, рече претседателот на Српското друштво „Коштана“ Зоран Цветковиќ.

Името и делото на Светителот Сава претставува симбол во православната вера, како синоним за добронамерност, благодарност, мудрост, солидарност, емпатија и правичниот пат кон исполнување на Божјите закони, истакна почесниот конзул на Република Србија во Република Македонија со седиште во Охрид, м-р Михајло Филев.

Посочи дека традицијата продолжува за српската заедница во Охрид и во Македонија да се чествува светителот Сава како еден културен, верски идентитет, кој, секако е многу битен во шареноликоста на македонската култура, која едноставно значи многу во односите со Република Србија.

Свети Сава е идентитетски, културно-верски столб на српскиот народ, кој природно и верски се поврзува со македонскиот братски народ и сите словенски народи. Неслучајно Свети Сава доаѓа тука во Охрид, да се поврзе, односно да се сплоти со делата на словенските браќа Свети Кирил и Методиј, Свети Наум и Свети Климент, за да може да ја продолжи неговата света мисија, како повторно да го запали, како нив, факелот на Божјата светлина во тоа темно време на словенските народи. Со неговите дела тој врежал во нас голема порака, голема порака која не е само тоа да учествуваме, него и да бидеме одговорни, да бидеме достојни да го продолжиме вистинскиот светол Божји пат, да чекориме и да го поплочуваме со добри дела за доброто на нашите души и за човештвото.

Потенцираше дека Друштвото Српско-македонско „Коштана“ празнувањето го прави уште од пред триесет години со неговото формирање, изразувајќи задоволство што  присуствува на еден ваков голем верски настан, кој од големо верско значење за целото православие.

Наjпрвин го честитам големиот празник на српската националност во Македонија, а и на Србите, Свети Сава. Општина Охрид и јас како градоначалник секоја година традиционално присуствувам на нивните собири. Со гордост и со радост го правам тоа и ќе продолжам во наредните години заеднички да ги прославуваме оние значајни датуми коишто ги одбележуваат деновите на националностите, конкретно во Македонија, меѓутоа и на нивните држави, секако, рече градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков.

Инаку, Српското друштво „Коштана“ брои околу 150 членови.

Српската заедница во Охрид го одбележа празникот „Св. Сава“

 

Н.С.Ј.