Делегација на СПЦ предводена од Неговата Светост Српскиот Патријарх г.г. Порфириј, е во посета на Охрид и Дебарско – кичевската епархија.
Во негова чест синоќа во манастирот Рождество на Пресвета Богородица – Калишта, беше отслужена Доксологија – Славословие.
Во придружба на поглаварот на МПЦ г.г. Стефан, митрополитот Тимотеј и духовни великодостојници од Српската и Македонската православна црква, Патријархот Порфириј утрово го посети храмот Св. Богородица – Перивлепта, Галеријата на икони како и другите цркви и културно историски споменици во Охрид.
Имаме можност во Охрид да се поклониме пред христијанските светии и да видиме како народот на овие простори ја чувал и практикувал православната вера пред нас. И ништо друго да немаме, туку тоа искуство кога посетуваме вакви светилишта имаме јасна порака за нас. Денеска ние луѓето кои живееме во овие времиња изложени сме на различни предизвици. Тие предизвици често нудат некои нови вредности и нови погледи на светот. Нормално Црквата секогаш е современа, не припаѓа само на минатото, дури ни на сегашноста, па ни само на иднината таа и припаѓа на вечноста и во таа смисла е безвременска. Се труди да биде секогаш актуелна, да ги дели сите проблеми сите искушенија сите неволји, но и сите радости со кои се соочува секој човек живеејќи во ова време. – рече српскиот патријарх Порфириј, кој денеска ќе го посети и манастирот во Св. Наум.
Црквата, додаде тој, дава можност да разбереме дека сме створени за вечноста и дека љубовта е темел на нашето постоење како што говори Светото евангелие.
Кога Евангелието говори за ближниот, не го подразбира само оној кој е покрај нас, ги подразбира и сите останати луѓе. Радост и благослов е што можеме да се поклониме на овие светии и да се помолиме за спасение на целиот свет, за мир во светот и меѓусебно разбирање, секој да го најде своето место под сонцето. – порача од Охрид српскиот патријарх Порфириј.
Српскиот Патријарх г.г. Порфириј во посета на Охрид
На оваа посета на поглаварот на СПЦ Порфириј и претходеа заеднички архијерејски литургии на помирување што се одржаа во соборниот храм „Свети Сава“ во Белград и Соборниот храм Св. Климент Охридски во Скопје, со што беше потврдено надминувањето на 55-годишниот раскол меѓу СПЦ и МПЦ-ОА и возобновувањето на канонското и евхаристиското општење.
Вселенската патријаршија на 9-ти месецов ја призна канонската природа на Македонската православна црква – Охридската архиепископија, со што по 55 години му се даде можност на македонското свештенство да има заеднички богослужби со другите православни цркви. Таа одлука не значи томос за автокефалност со кој официјално се регулира меѓународното име и статус на црквата, туку е „израз на татковската љубов и грижа на Вселенската патријаршија“ и најава дека МПЦ повеќе не е во раскол со целиот православен свет и оти македонските свештеници можат да служат со свештениците од другите православни цркви.
Синодот на СПЦ го прифати статусот на најширока можна автономија на Македонската црква, односно целосна внатрешна независност, која и беше доделена уште во 1959 година. Највисокиот црковен орган на српската црква соопшти дека во дијалогот за иден и евентуален конечен канонски статус, СПЦ ќе се води исклучиво од еклисиолошко-канонските и црковно-пасторалните принципи, стандарди и норми.
Спорот меѓу двете сестрински цркви почна откако на 17 јули 1967 година, Светиот синод на МПЦ во Охрид, го свика Третиот црковно-народен собор и на свечената седница во охридската црква „Св. Климент“ ја прогласи Македонската православна црква за автокефална.
Г.М.













