Поволното време и мирното небо над Охрид им овозможи одлични услови на параглајдеристите на Европското првенство. По лошиот старт српската експедиција го “обели“ образот со прецизно слетување на најискусниот учесник Зоран Петровиќ.


– Од резултатот остварен при проследниот лет сум многу задоволен. Многу лошо го отворив Европското првенство, бев премногу нервозен, а малце фалеше и да колабирам за време на летот.  Јас веќе сум на залез на кариерата и очекувам некој од нашата селекција да освои индивидуален  медал, а нормално сите се бориме за екипен медал. Лошо стартувавме првиот ден но не се предаваме додека судијата не означи крај на натпреварувањето – потенцираше Петровиќ.


Предводникот на селекцијата на Србија, Петровиќ истакна дека Охрид е одлично место за параглајдеризам и ваков тип на натпреварувања.

–     Не доаѓам прв пат во Охрид, градот е премногу убав а граѓаните се љубезни и добри. Теренот ми е познат а времето и патеката се  одлични за летање, морам да бидам искрен вакви услови и терени нема секаде за параглајдеризам – заврши популарниот “Гуги“.


Европското првенство во параглајдеризам продолжува, а денеска на програмата е третиот ден од натпреварувањето.

Мх.П.