Претседателот на Советот на општина Охрид, Гордана Коњановска, денес ги прими двајцата српски полициски службеници на заминување, кои од средината на јули патролираа низ Охрид и околината заедно со своите колеги од Охрид.

– Ова е исклучително успешен проект и нивниот престој во голема мера го зголемува чувството на безбедност кај гостите од Република Србија и затоа од страна на локалната самоуправа им изразувам благодарност за соработката, рече Коњановска.

Српските полициски службеници задоволни од престојот и соработката со колегите, но и остварениот контакт со туристите.

– Соработката со колегите беше на завидно ниво , граѓаните беа задоволни, нашите туристи исто така и беше очигледно дека се задоволни од нашето присуство во Охрид, изјави полицискиот службеник  Драган Лукиќ.

Неговиот колега Славиша Илиќ, додаде дека за време на нивниот престој и работа во Охрид не се случиле некои посериозни интервенции.

– Кога ќе не видеа гостите од Србија најпрвин не веруваа дека тука сме на работна задача, но потоа изразуваа задоволство што можат да ни се обратат ако имаат потреба, рече Илиќ.

Заедничките патроли се во рамки на договорот за полициска соработка помеѓу македонското и српското министерство за внатрешни работи, постигнат во 2011 година. Целта на соработката е размена на информации и зголемување на безбедноста на српските гости, но и останатите туристи кои престојуваат во Охрид.

Полициските службеници од Охрид и Србија заедно ќе патролираат до 15 септември.

Т.К.