Косово не учествува на Самитот во Охрид поради отвореното спротивставување од страна на Србија. Ова во текот на вчерашниот ден го потврдија од Кабинетот на српскиот претседател Томислав Николиќ во изјава за „Данас” и од српското министерство за надворешни работи во изјава за агенцијата „Танјуг”.
Како што пренесува „Данас“, од кабинетот на Николиќ изјавиле дека Србија останува на барањето претставниците на Косово да не можат да учествуваат на овој регионален собир, бидејќи земјата не е суверена и призната.
„Косово не е повикано на охридскиот самит бидејќи Србија и уште две држави членки на ПСЈЕ ставија забелешка заснована на статутот на Самитот, кој предвидува дека можат да учествуваат само суверени и признати земји, а Косово тоа не е.“ – стои во изјавата на Министерството за надворешни работи од Србија за „Танјуг“.
Како што пренесуваат српските медиуми, Романија и Босна и Херцеговина исто така побарале Косово да не учествува на Самитот во Охрид.
OhridNews