Срцево-садовите заболувања се водечка причина за смртност во светот. Според Светстката здравствена организација 17,3 милиони луѓе починале од срцево-садови заболувања, од кои 7,3 милиони од коронарна срцева болест, а 6,2 милиони од инфаркт. Околу 80% од смртноста се јавува во средно и ниско развиените земји. До 2030 година се предвидува смртноста од срцево-садови заболувања да достигне бројка од 23,6 милиони луѓе. Според податоците на Институтот за јавно здравје, повеќе од 57% од смртните случаи во Македонија во 2010 година се последица на кардиоваскуларните заболувања.
Срцевосадовите заболувања се главен приоритет за сите здравствени системи и водечка причина за морталитет во светот. ПовеЌе од 70% од сите срцеви удари се случуваат дома, во семејството и затоа домашните треба да ги знаат сите симптоми за рано препознавање, дијагноза и упатување на соодветан третман, а превенцијата е најважна за здрава популација.
Дебелина, неправилна исхрана, пушење и физичка неактивност се водечки причини за болестите на срцето и мозочните удари кои можат да се забележат во се помлада возраст. Таквите нездрави навики и животен стил се се почести меѓу децата и адолесцентите. Токму тоа е период кога со навремени и соодветни постапки може да се насочи развојот на детето во зрела личност, одговорна за своето здравје, здравите животни стилови и со фактори на ризик сведени на најмала можна мерка, посочуваат здравствените работници.
Со цел подигање на нивото на свеста кај населението, особено кај младата популација за опасностите од срцевосадовите заболувања, како и за значењето на здравиот начин на живеење за здраво срце, Црвен крст Охрид од 21-28 февруари ја одбележува “Неделата на срцево-садови заболувања” под мотото “ЗДРАВИТЕ ЖИВОТНИ НАВИКИ КАКО ПРЕВЕНЦИЈА ОД СРЦЕВОСАДОВИ ЗАБОЛУВАЊА!”.
Во текот на Неделата на срцево-садови заболувања, Црвен крст Охрид ќе реализира повеќе активности кои започнуваат со јавно предавање за ризик факторите за болестите на срцето и крвните садови и презентација на техники за укажување на прва помош при срцев напад и мозочен удар кое ќе се одржи на 22.02.2013 (петок), 19:00 ч., во просториите на Црвен крст Охрид.
Активностите продолжуваат со типизирано предавање за најчестите ризик фактори и превенција на појава на срцевосадови заболувања, а во текот на неделата ќе биде организирана и физичка активност пешачење, возење велосипед, ролање…, а медицински екипи ќе вршат мерење на крвен притисок, додека инструктор ќе презентира корисни физички вежби.