Според ССМ минималната плата во Македонија не треба да изнесува помалку од 150 евра, колку што е висината на минималната плата во најголемиот дел од државите во регионот. Од синдикатот велат дека се задоволни што по 20 години социјалните партнери во Македонија, за прв пат прифаќаат со закон да се реши прашањето на  минималната плата.

–    Висината на минималната плата ССМ ја утврди врз основа на повеќе параметри- претходно анимираната синдикална кошничка , економската состојба во која се наоѓа Македонија, при тоа имајќи ја во предвид и Меѓународната конвенција на трудот, вели Живко Митрески, претседател на ССМ.  Тој додава дека лицитирањето со некоја основица на минимална плата од 5200, 5700 денари или 6000 е премногу ниска и воопшто не ја постигнува целта, односно  утврдувањето на една материјално социјална сигурност на работниците.


Мислам дека  со утврдување на минимална плата конечно ќе ставиме ред и ќе ја елиминираме нелојалната конкуренција која сака да работи на црно. Бенефитите за сите три социјални партнери ќе бидат поголеми, а и работодавачите ќе можат да одат напред, истакна Митрески.

Подготвеност да се разговара за утврдување на минималната плата изразуваат и од Организацијата на работодавачите. Од таму нагласуваат дека не треба да се лицитира со висината на примањата без претходно да се изврши добра анализа на состојбите на пазарот и можностите на одредени стопански гранки, за кои се стравува дека нема да можат да ја применат оваа мерка. Според Организацијата на работодавачите минималната плата не треба да биде повисока од три социјални примања, што за синдикатот е неприфатливо.


Од вкупно  638.000 вработени во Македонија, 2,3 отсто примаат плата до 3000 денари, 17,8 % до 8000 денари, околу 27,6 проценти од 8-12.000 денари, а 30 % од работниците имаат плата помеѓу 12 и 20.000 денари.

Претставниците на ССМ, во хотелот Белведере, учествуваат на Изборното собрание во рамки на секцијата на млади.  Изборното Собрание е од работен карактер, каде на младите им се објаснува за значењето на флексибилноста на работната сила во Република Македонија и во светот. Учествуваат претставници од сите грански синдикати кои се здружени во ССМ, кои ќе избираат претседател на секцијата на млади и Извршен секретаријат, кои во текот на петогодишниот нареден мандат ќе делуваат во рамки на ССМ со посебен акцент на збогатување на активностите на секцијата на млади и разгледување на прашањата околу младите во синдикатите.

OhridNews