
„Ако се даде акцент на овој важен ден, тогаш ќе мора да се каже дека новинарите и медиумските работници мораат да работат без страв од одмазда, без закани и насилство, без корупција и уцени… А сите оние што работат во медиумите знаат: во една држава во која во континуитет се затвораат медиуми, во која се затвораат новинари поради вршење на својата работа, во која се пресудуваат бесмислено високи казни за навреда и клевета, во која има неразјаснети погибии на новинари… тоа, едноставно, не може да се каже“, велат од ССНМ.
Слободата на изразувањето и правото да се информира и да се биде информиран, се наведува во писмената изјава на ССНМ, се фундаменталните права врз кои се темели секое демократско општество, а извештаите на сите релевантни и помалку релевантни домашни и меѓународни организации што се занимаваат со овие прашања ја лоцираат Македонија на дното по почитувањето на овие права. „Ваквата проценка може да значи само едно – Македонија е далеку од демократско општество“, нагласуваат од новинарскиот синдикат.
„Заштитата на новинарите, безбедноста на новинарските работни места и укинувањето на „деликтот на мислење“ се далечни поими во земја во која владее цензурата и самоцензурата, каде што говорот на омраза не само што поминува неказнето, туку и се стимулира, каде што политичките и економските центри на моќ ги диктираат уредувачките политики, каде што постои нетранспарентност врз сопственичките структури на медиумите, каде што владеачката политичка елита е неселективно заштитена од критичкиот збор…Затоа 3 Мај, денот што повеќе од две децении светот и’ го посветува на слободата на медиумите е можност и новинарите во Македонија да потсетат дека не постои слобода без слобода на медиуми, дека не постои демократија без судир на мислења, дека новинарството е една од најбитните професии во изградбата на демократските капацитети“, наведува ССНМ по повод 3 Мај – Денот на слободата на медиумите.
OhridNews
„Макфакс“












