Станарите од колективната зграда во населбата Расадник, на кои им се заканува одземање на имотот поради спор помеѓу инвеститорот и јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор покренаа судска постапка против двете страни. Судското рочиште е закажано за денеска.

Сопственици на пет станови од зграда на улица „Карпош Војвода“ поради нерешени односи на релација инвеститор – Јавно претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор, се во опасност да им бидат запленети становите, иако, како што велат,  поседуваат релевантни документи дека становите се целосно или во најголем дел платени и се предадени во нивно владение. Тие бараат инвовлираните страни меѓусебно да го решат спорот согласно закон, а не на штета на граѓаните и да ја почитуваат приватната сопственост.

Нивните имоти беа предмет на постапување од страна на извршител, кој извршил попис на нивните станови и покрај забраната што ја издал судот во Охрид. Сопствениците на становите сметаат дека е направен пропуст во постапката бидејќи не бил земен предвид фактот дали становите кои биле избрани за извршување имаат некаков товар.

Инвеститорот на зградата најави дека се прават напори во комуникација со јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор кое побарува средства од него, да се надмине проблемот и да се реши случајот.

OhridNews