Вмро ДПМНЕ за овие избори го избраа најнесреќниот слоган со кој им порачуваат на граѓаните да изберат дела. Сакам да ги прашам- кои дела ги направија за Охрид, за да можат граѓаните да ги изберат, истакна на денешната прес- конференција кандидатот за член на советот на општина Охрид од коалицијата Сојуз за иднината, Јоне Станкоски.

Како што тој рече, и покрај дадените ветувања, сеуште не се изградени фудбалски игралишта во селата Лакочереј, Косел и Лескоец, како и спортските сали во училиштата „Кочо Рацин“, ЕМУЦ Св. Наум Охридски и средното угостителско училиште „Ванчо Питошески“.

– На скапите реклами презентираат затворен базен кој ќе го изграделе ако ја добиеле локалната власт. До денес никој не ги попречуваше да го реализираат овој проект како централна власт. Прво, земјиштето каде тие велат дека ќе го градат базенот, владата го приватизираше по едно евро метро квдратен и токму сега тоа земјиште е во приватна сопственост, рече Станкоски, потсетувајќи дека директорот на Агенцијата за млади и спорт на 14 јануари 2012 изјавил дека изградбата на затворениот базен ќе започне во септември.

Станкоски додаде дека граѓаните ќе гласаат за дела, но за вистински дела.

– Ќе гласаат за помошта која овој градоначалник и локалната самоуправа му ја даваат на ракометниот клуб Охрид 2011, за помошта која им се дава на спортистите и спортските клубови на кои им се обезбедува бесплатен превоз и користење на спортски терени. Повторно најдобрите спортисти ќе бидат стипендирани, рече Станкоски.

Се осврна и на рекламните спотови на кои се кажува дека гласот даден за Љубчо Георгиевски е глас за Бранко Црвенковски.

– Барам одговор од кандидат за градоначалник д- р Никола Бакрачески- кој го постави за директор во Заводот за кардиологија и дали во 2006 година тој беше член на СДСМ и дали Црвенковски беше негов лидер . Бараме и сите кандидати од листата на советници од ДПМНЕ да кажат од кога се членови на таа партија. Покрај промоција на кандидатите за градоначалник, ова е и  промоција и на кандидатите за членови на советот . До денес не знаеме кои се кандидатите за советници на ВМРО- ДПМНЕ, како што не знаеме и од која политичка  партија доаѓаат, изјави Станкоски.

OhridNews