Адвокатот Александар Станкоски, носител на независна советничка листа во Охрид продолжува со претставување на својата програма пред охриѓани од кои во недела ќе ја побара довербата за да седне во градскиот совет.

Тој на денешната прес-конференција што ја одржа на пресекот од улиците „Сирма Војвода“ и „Карпош Војвода“ каде што и живее со своето семејство, рече дека нуди издржана и реална програма.

– Мојата програма е реална и се обидувам преку издржани проекти да стигнам до граѓаните, за и самите да ја препознаат остварливоста на она што го зборувам и конечно да излеземе од црно белиот свет на двете најголеми партии зад кои стои огромна машинерија. Се наоѓаме на местото каде го поминав моето детство, каде што живеам и каде ќе живеам. Мојата кампања е позитивна без навреди и напади, без враќање во минатото, туку гледање во иднината. На ова место, на оваа раскрсница и таа што е зад нас, често се случуваат сообраќајно незгоди, па во иднина за овој дел треба да се најде посоодветно сообраќајно решение. Сметаме дека оваа улица која е пред нас треба да се заврши и истата да се спои со улицата која води кон населбата во бараките, рече Станкоски.

Тој реагираше и на неодамна отворената продавница за погребална опрема и услуги во кругот на болницата.

– Јас го слушам гласот на народот, а забелешките на моите соседи се однесуваат на дадената дозвола на правното лице на кое му е дозволено да отвори продавница на погребална опрема непосредно до Општата болница. Сметаме дека во советот на општината треба да се донесе посебен акт со кој ќе се одреди какви објекти, продавници или кои дејности во кој дел од градот можат да се вршат. Јас, моето потесно и пошироко семејство немаме егзистенцијални потреби од вработувања бидејќи ние најголемиот дел од приходи ги остваруваме од приватен бизнис, а моето учество во советот не е со мотив да стекнам материјална корист. Мојот мотив и учество е да во рамките на моите можности да му вратам на градот барем дел од она што го постигнав благодарејќи на градот и државата во која живеам, истакна Станкоски.
     
Станкоски е познат меѓу охриѓани како семеен човек, реализиран во професијата и бизнисот. Тој најави дека, доколку биде избран за советник во новиот градски Совет на Општина Охрид, во текот на целиот мандат ќе ја донира советничката плата на оние на кои навистина им е потребна. Хуманоста за него причинува задоволство.

– Јас како човек живеам со проблемите кои ги има мојот град секојдневно. Гледам во каква тешка состојба живеат дел од граѓаните, особено оние кои се социјални случаеви и кои навистина тешко го поминуваат месецот, па затоа донесов одлука мојата плата како советник во Советот на Општина Охрид да ја давам на сиромашните луѓе. Ќе видиме точно како ќе се делат сретствата, но секако дека ќе го направиме тоа транспарентно и ќе се обидеме овие сретства да стигнат до оние на кои тоа им е најпотребно. Чувствувам дека на многу граѓани им е потребна таа помош, а мене ми причинува задоволство да ја покажам мојата општествена одговорност и да им помогнеме на оние на кои таа помош им е најпотребна, истакна Станкоски.

Околу престојните избори, Станкоски порача гласањето да  помине фер и демократски во мирна атмосфера, а сите учесници во изборниот процес да ги почитуваат резултатите од изборите, затоа, според него станува збор за „гласот на народот“.

– Гласајте за мене и советничката листа број 107, бидејќи ние сме и ќе бидеме меѓу народот, со народот, ќе го слушаме гласот на народот, ќе бараме да се разгледува и одлучува по барањата од народот без никакви упатства или насоки, ниту пак наредби од други, за разлика од советничките листи на партиите кои се принудени да ги слушаат упатствата, насоките и наредбите на истите. Ние сме тие кој ќе го слушаме гласот на народот, вели Станкоски.
   
Адвокатот Станкоски се претстави на овие избори со издржана кампања и според сите рејтинзи е меѓу потенцијалните кандидати за новиот градски состав.

OhridNews