Собранието на Република Македонија ги усвои измените во членот 46 од Законот за угостителска дејност, со што се отстрануваат пречките за категоризација и регистрација на становидавачите во колективните згради. Овој член од законот беше спорен бидејќи во објект под заеднички покрив само едно физичко лице можеше да се регистрира како станоиздавач, поради што голем број станоиздавачи не можеа да се категоризиираат и легално да ја извршуваат дејноста.

Градоначалникот на општина Охрид Никола Бакрачески на средбата со претставници на станоиздавачите од Охрид и деканот на Факултетот за туризам и угостителство – Охрид Цветко Андреески, што се одржа денеска, истакна дека на измените на законот интензивно се работело изминатата година заедно со надлежните институции, станоиздавачите, стручњаци и пратеници во парламентот.

Со измените во законот сега вршител на угостителска дејност во колективна зграда може да добие решение  за категоризација под услов да издава максимум 10 соби односно 20 легла. Исто така физичко лице може да издава соби во индивидуален објект, каде може да се издава повеќе од едно одобрение за вршење угостителска дејност, исто така со услов да може да се издаваат максимум 10 соби, односно 20 легла.-појасни градоначалникот Бакрачески.

Деканот на ФТУ Охрид Андреески рече дека со измените во Законот за угостителска дејност се израмнија правата на сите станоиздавачи.

-Сега сите законски и легално може да ја обавуваат својата дејност. На потег сега се станоиздавачите кои треба да се пријават и да се регистрираат за да работат регуларно.-додаде Андреески.

Според претставникот на станоиздавачите Коста Карадимче, со измените на законот конечно се решава проблемот кој засега околу 2000 луѓе.

-Конечно ќе имаме светски стандарди во вршење на угостителската дејност и кај нас. Со ова се отвара нова фабрика за 2000 луѓе во Охрид кои живеат од туризмот, и кои сега ќе може законски да ја обавуваат дејноста. – истакна Карадимче.

Иницијативата за измени во законот за угостителска дејност во парламентот ја поднесоа пратениците Александар Николоски и Сашо Василески.

-Во 2008 година направена е измена на законот во која се предвидува дека на физичките лица во еден објект што се под заеднички покрив, може да се издаде само едно одобрение за вршење на оваа дејност. Со примената на оваа одредба се наиде на реален проблем кај голем дел од граѓаните, односно по принципот прв дојден, прв услужен, при што се издаваа одобренија на лица кои први поднеле барање за одреден објект. Во сопственичката структура на голем дел од објектите се појавуваат различни лица како сопственици, при што во ваква ситуација следниот поднесител на барање под заеднички покрив, се соочувал со тоа да биде одбиен од Комисијата за категоризација на соодветната општина со образложение дека веќе е издадено едно одобрение за тој објект. На тој начин се отежнуваше работата на приватните станоиздавачи. –  се вели во соопштението на пратеничката канцеларија на Николоски и Василески.

Во Охрид се проценува дека има 460 приватни станоиздавачи во колективни згради.

OhridNews