
„Ех, учевме од нив (Холанѓаните з.а.) по малку, не дека знаевме сé ама во комуникација со туристите можевме да се разбериме, со некои едноставни фрази. Имаше многу луѓе од Холандија, и не само од таму, ево види ги сликиве од пред 30 години (на сликата е тој со група јапонски туристи)“ – се сеќава мајстор Белев, а во гласот му се чувствува блага носталгија за поминатото време.
„Овој натписов „Зборуваме холандски“ е од 1967, го донесе и го постави еден од туристите: Ево. Сега зборвите холандски, велит. – А бе не знајме толку чудо. – Па ќе научите! – И така „моравме“ да научиме!“
Милан Белев има 81 година, а опинчар е веќе 60 години. Занает учел како момче во Кралството Југославија, во градот Заечар, а дошол во Охрид и отворил дуќан во 1942 заедно со братот Ѓорѓи.

Дуќанот со староста „дели“ од околината
„До пред 20 – 25 години чаршијата беше полна со дуќани и занаети од секаков вид, ковачи, самарџии, наланџии, бербери, златари ама вистински златари, уметници. Денес има само трговци. Имаше еснаф, живот, се помагавме еден со друг. Сега си ги копет очите“ – разочарано вели Милан.

Шеесет години опинчар – Милан Белев
На времето кога имало многу работа изработувале секакви производи од кожа (опинци, колани, каиши и сл.) не само за туристите туку и за разни културно – уметнички друштва од Охрид и Македонија. Сите производи се изработуваат исклучиво рачно. За еден пар опинци се потребни околу 4 – 5 часа. Денес ретко некој влегува во дуќанот, чат – пат за некоја ситна услуга. И мајсторот самиот вели дека доаѓа само да не седи без работа, да ги „вежба“ прстите. Неговото знаење и занает нема кој да го учи, ниту пак некој некогаш покажал интерес за тоа.

Правам огламник ама немам коњ –
се шегува на своја сметка
Иако минативе неколку години се најавуваше туристичко враќање на Холанѓаните во нивната позната дестинација – Охрид, мајстор Ѓорѓи вели дека нема ништо од тоа. „Старите, златни години на туризмот и бројноста на холандските гости никогаш нема да се вратат“. Да се надеваме дека не е во право.
					



							






