Стари нефункционални пловни објекти закотвени на исто место со децении, потонати кајчиња, расфрлани остатоци од метал. Ова е сликата денес во каналот Студенчишта, едно од најпрепознатливите места во Охрид каде се влеваат во песна опеаните Билјанини извори. Тука секојдневно поминуваат голем број туристи кои наместо платното на Билјана во водата гледаат како се распаѓа старо железо. Тие како и охриѓани, се разочарани од глетката, која како што велат, не доликува на едно туристичко место.

– Пред 50 години беше многу чист, сега многу е загаден каналот, вели нашинец кој по подолго време навратил во Охрид.

– Мора да има некаде паркиреалиште за бродови, ама овде има пропаднати чамци, р’ѓосани , кои треба да се отстранат и ова место да се заштити, додава неговата сопруга.

-Со овие стари кајчиња и други работи катастрофа е за туристиве, вака ништо не правиме – вели повозрасен охриѓанец.

Во Капетанијата на пристаништата надлежна за водниот сообраќај, велат дека се свесни за грдата слика во каналот Студенчишта која негативно влијае на туристичкиот имиџ на Охрид, но во овој момент се немоќни да направат било што, бидејќи не постои законска регулатива која го третира овој сериозен проблем, а укажувањата до сопствениците на нефункционалните пловни објекти не вродуваат со плод.

-Во овој момент по Законот за внатрешна пловидба капетанијата на пристаништата нема никакви ингеренции да ги дислоцира тие пловила бидејќи во законот не е тоа пропишано, а знаеме дега тие создаваат грда слика на едно од најрепрезентативните места во градот. Ние гледаме да делуваме превентивно, советодавно им укажуваме на сопствениците дека нивното пловило претставува грда слика, а тие одговараат дека би сакале да најдат решение ама не можат.-изјави  Горан Устијаноски, раководител на Капетанијата на пристаништата.

Устијаноски информира дека Капетанијата интензивно работи на подготовка на нов Закон за внатрешна пловидба кој треба да влезе во процедува оваа есен или зима, во кој ќе бидат вметнати одредби кои ќе го третираат проблемот со нефункционалните пловни објекти и бродскиот отпад. Од Капетанијата се надеваат дека до идната туристичка сезона каналот Студенчишта кој денес повеќе личи на депонија за пловни објекти, ќе биде расчистен од старото железо во и покрај него и конечно ќе добие изглед кој ќе претставува туристичка вредност.

Г. Момироски