Заврши санацијата и ревитализацијата на стариот охридски Чинар, што со средства на Општина Охрид ја реализираше фирмата „Форест Фагус“, под стручен надзор на проф. Јане Ацевски, дендролог и раководител на катедрата за дендрологија при Шумарскиот факултет во Скопје.

Целта на овој проект беше дрвото да се санира за да му се продолжи животот, а притоа да се задржи автентичноста на чинарот, да се зачува 11-вековното постоење и луѓето да препознаат дека се работи за нешто навистина многу старо и вредно. Со оваа санација буквално се направи едно ослободување. Чинарот беше повеќе од 20 години заробен со несоодветна обвивка, во една ситуација во која почна самиот од себе да скапува, да трули и да се уништува и доколку така останеше и понатаму веројатно ќе се распаднеше. Со оваа санација колку толку се спаси она што е останато од чинарот и ќе се овозможи дрвото во иднина да вегетира успешно и да дише „слободно“. Затоа таму каде што беше потребно како маска која има улога на заштита е ставена кора од природно дрво. – изјави за OhridNews проф. Ацевски.

Ова е споменик и тој не треба да се уништи. Тој е еден од најстарите живи споменици во Македонија, па и пошироко. Сега механички го обезбедивме со четири метални столба коишто ќе го зацврстат, а нормално ќе треба и одржување, прихрана и негова заштита понатаму. – истакна Ацевски.
Во рамки на проектот за санација и ревитализација, изведувачот на работите до општината ќе достави стручен извештај, а до ЈП „Охридски Комуналец“ план и програма со мерки за грижа на Чинарот, со што треба да се овозможи да почне процес за повторно обновување и враќање на неговата виталност.
Овој процес е долг, не треба да очекуваме ефектите дека ќе бидат веднаш, истиот момент. Сега Чинарот е во мирување и некаде од март ќе почне да вегетира и тогаш ќе почне да изгледа се подобро и да го враќа природниот сјај. – додаде Ацевски.

Кога пристапив кон обнова на оваа стара природна реткост, го знаев тој податок и една од идеите ми беше да поставиме икона на ктиторот, оној што го посадил и подигнал како што вели легендата, со што ќе оддадеме една почит и на историјата и на личноста, меѓутоа ќе биде и една атракција не само за домашните посетители, туку и за странците, затоа што нема во светот некој којшто би се пофалил со единаесетвековно дрво и да знаат кој го засадил и како изгледа денес. – рече проф. Ацевски.
Просторот околу стариот Чинар дополнително ќе биде уреден со автентични камења од Охридското Езеро и минимални детали, со цел да се истакне самото дрво, а ќе биде спроведена и потребната инсталација за негово наводнување и осветлување. Исто така ќе биде поставена и соодветна информативна табла со основните податоци за симболот на Охрид. Професорот Ацевски советува при идното планирање на плоштадот кај стариот Чинар, тој да се ослободи од гломазната фонтана, а наместо со модерни материјали чешмата во непосредна близина да биде помала и од камен.

Г. Момироски























