Владините институции, компаниите и граѓаните кои имаат застарени компјутери или компјутерска опрема која не ја користат, од 1-ви јули 2014 година ќе можат да ја донираат на социјално загрозените граѓани.
Ова го овозможува проектот „Компјутери за социјално ранливите групи“, кој деновиве го промовираше Министерството за информатичко општество и администрација.
Од таму информираа дека станува збор за концепт со кој дополнително ќе се намали дигиталниот јаз меѓу тие што имаат и тие што немаат компјутери.
-ИКТ опремата е од таква природа да всушност постојат многу компоненти кои се амортизираат многу малку и со соодветни прилагодувања, репарација и замена, оваа опрема станува функционална за една голема група на корисници, појаснуваат од Министерството.
Од таму нагласуваат дека со овој значаен проект ќе се зголеми општествената одговорност и ќе се даде голем придонес во развојот на информатичкото општество во Република Македонија.
Сите заинтересирани субјекти кои ќе сакаат да донираат во рамки на овој проект, ќе можат да се пријават на [email protected]. На истата адреса ќе можат да се пријават и сите заинтересираните граѓани како баратели. Освен по електронски пат, пријавувањето за овој проект ќе може да се изврши и во локалните канцеларии на Министерството за труд и социјална политика.
OhridNews