Големиот број пловни објекти во езерото ја загадуваат водата и негативно влијаат врз живиот свет во него. Старите пенти кои сеуште се во употреба мора во што поскоро време да се одстранат од употреба за да не дојде до поголеми негативни последици, предупредуваат стручните лица.


За овој проблем се говореше и на последната одржана седница на Советот на општина Охрид.

Советникот Томислав Тунтев побара да се донесе закон кој ќе биде на сила во идните 5 до 7 години кој ќе ги обврзува сите сопственици на пловни објекти да ги заменат моторите кои сега ги користат со еколошки. – Мора да го заштитиме езерото за да не се случи да се претвори во една загадена бара. Во голем број земји во Европа одамна е забрането користење на вакви мотори кои што се користат за возење на пловните објекти во Охридското езеро затоа што премногу се штетни за живиот свет во него, но и самите капачи, рече Тунтев.

Стручните лица постојано укажуваат на штетните последици од се поголемиот број  на чамци, скутери, глисери и бродови кои пловат во Охридското езеро. Според најновите податоци на Капетанијата нивниот број изнесува околу 600.

Ohridnews