Некогаш бисер на градот со прекрасна плажа, денеска руина. Место кое кај многумина буди носталгија и спомени, локација со која низа генерации се емоционално поврзани. Старото пристаниште, како што охриѓани милуваат да го наречат, до крајот на 60-тите години претставувало вистинска атракција долж крајбрежјето.

Изградено во првите децении од минатото столетие, низ виорот на војните постанува препознатливо место каде голем број охриѓани научиле да пливаат.

Како Канео, Лабино и стариот дел на градот, порано и оваа локација била атрактивна за младите и за сите кои оделе на плажа. Кејот не бил каков што е денес, а тука се протегаа градски плажи пред денешните хотели Палас, Тино, Динариус.  Горниот дел од „мостот“ беше покриен со штици, а на крајот беше како платформа поширок. На јужната страна кај што е од камен, имаше стартни коцки, а оттука се стартувало за различни пливачки дисциплини.“ – вели Љупчо Маслов, кој повеќе од 40 години се занимава со езерски туризам.

„Кобната“ 68-ма година

Како што многумина објаснуваат, невреме кое го зафатило Охрид во 1968 година ги урнало дрвените трупци и целата конструкција, која ја поврзвувала „платформата“ во езерото со самиот кеј.

Колку што знам, 68-ма година мостот е разрушен од голем јужен бран. Беше поврзано со кејот со едни големи дрвени трупци набиени во тињата. Потоа остана така неповрзано, осамено во водата. Брановите си го направија своето, ги доурнаа ѕидовите, а она што било најцврсто издржало до ден денес. Пред дестина години, повторно е направена конекција со кејот, преку бетонски столбови и плоча.“ – објаснува Маслов.

Плажата пред „Палас“ атракција за охриѓани и турстите

До 1968-ма година, плажата пред хотелот „Палас“ заедно со пристаништето, претставувала вистинска атракција не само за охриѓани, туку и за туристите од „братските“ републики во текот на топлите летни денови.

Тоа беше прекрасна плажа каде што пораснавме. Преку мостот од штици се стигнуваше до т.н. платформа за сoнчање. Имаше трамболинка од каде скокавме во езерото. Во секој случај, убави спомени за многумина охриѓани и туристи кои доаѓаат од останатите делови на Југославија.“ – вели наш сограѓанин.

Повозрасните жалат за старото пристаниште

По социјалните мрежи, охриѓани и оние кои се сеќаваат на оваа локација, жалат што новите генерации не се доволно запознаени со „бисерот“ на Охрид.

Беше тоа некогаш. Бисерот на Охрид со прекрасната плажа. За жал, сега руини е и Палас и плажата. Не му служи на чест на градот.  Погрешивме што барем малку од многуте препознатливи нешта на Охрид, не им сочувавме на генерациите што доаѓаат.“ – коментираат охриѓани на социјалните мрежи.

Кајчарите сметаат дека локацијата повторно може да биде атрактивна

Нови содржини, реконструкција, санирање на штетите и добра понуда, би биле доволни за повторно „живнување“ на старото пристаниште во текот на туристичката сезона.

Можат да се направат доста работи кои би го привлекле вниманието на туристите како дополнителна содржина во Охрид. Да се постави информативна табла со информации, со слики како било некогаш. Една добра санација на штетите не е на одмет, со оглед на тоа што во моментов пристаништето е во лоша состојба.“ – велат дел од охридските кајчари.

O.T.

фото: „Охрид слики од минатото“