Староградска пловидба со ансамбл „Билјана“ утре во рамките на програмата од 5-тото алтернативно културно-забавно лето „Културолошка иницијатива 5 до 12“.

Според искуството од претходните години од КИ „5 до 12“ велат станува збор за настан насловен како „Ој љубов, љубов“ кој секоја година буди голем интерес.

Уникатниот концерт на ансамбл „Билјана“ со пловидба по Охридското Езеро и изведба на староградски песни. Може да присуствува секој со сопствен пловен објект, исклучиво со веслање. Исто така, можете да изнајмите СУП или кајак од СУП Клуб Охрид. Збирно место е Канео од 17:30 часот. Во 18 часот е тргнување со кајчиња до Старо пристаниште (Островче), каде во 18:30 часот ќе се пуштат сидрата и настанот може да биде посетен и од копно, информираат од „Културолошка иницијатива 5 до 12“.

Овој настан, додаваат, имал голема традиција и во минатото и сега му даваат можност за спој на генерациите. Потенцираат дека започнале соработка и со организација од Србија која ќе биде присутна на староградската пловидба и истата ќе ја снимаат со цел да направат документарец за самиот настан и традицијата.

Н.С.Ј.