Успешно заврши регистрацијата на предложениот интернационален кириличен домен за Македонија (.мкд), објави Интернет корпорацијата за доделување на имиња и броеви (ICANN).

Со националниот домен (.мкд) отсега ќе можат да се регистрираат веб страници на кирилично писмо, односно ќе бидат опфатени карактеристичните букви од македонската азбука како што се Љ, Њ, Ѓ, Ж, Ч, Ш и Џ.

„Со воспоставувањето на националниот кириличен домен (.мкд) во меѓународниот интернет простор, направен е голем чекор напред во зацврстувањето на македонскиот јазик и писмо, како атрибути на националниот идентитет на македонскиот народ.“ – велат од Министерството за информатичко општество и администрација.

Процесот на регистрација им овозможува на земјите и териториите кои поднеле барање до ICANN да добијат меѓународен домен, кој ја презентира нивната земја или територија со име различно од латинското.

Инаку, после Русија, Србија, Казахстан и Монголија, Македонија е петтата земја во светот која има кирилична верзија на национален домен. Барањето до ICANN беше поднесено од страна на Македонската академска истражувачка мрежа МАРнет.

OhridNews