Со почетокот на Новата 2015 година стартува и обврската за поседување енергетски пасош, односно серитификат за енергетски карактеристики на зграда со кој се покажува дека градбата ги исполнува условите за енергетска ефикасност предвидени во Законот за енергетика.
Сертификатот ќе го издава овластено правно лице и без него градбата нема да може да се стави во употреба и истиот ќе важи 10 години.
Тоа значи дека сите субјекти што сакаат да градат нов објект ќе бидат обврзани да извадат сертификат за енергетска ефикасност. Со тоа ќе се воведе целосна контрола во спроведувањето на мерките за енергетска ефикасност, почнувајќи од проектната документација, па се до финализирањето на објектот и неговото предавање во употреба.
Обврска да поседува енергетски пасош, согласно Законот за енергетика, ќе имаат новите згради и објекти, зградите кои се подложени на значителна реконструкција што, пак, подразбира вкупната инвестициска вредност на реконструцијата да е поголема од 25 отсто од вредноста на зградата или повеќе од 25 проценти од површината на обвивката на зградата да е предмет на реконструкцијата, згради кои се продаваат, згради кои се издаваат под закуп и згради што се во сопственост или се закупени од лица од јавниот сектор или се згради од јавен карактер.
Од обврската за прибавување на сертификат за енергетска ефикасност се ослободени индивидуалните објекти, зградите заштитени со посебен акт поради нивното посебно архитектонско или историско значење, зградите кои претставуваат недвижно културно наследство и споменички целини и меморијални споменици, згради за верски обреди или други религиозни активности, згради кои се користат привремено со време на користење од две години или помалку, производни хали, индустриски згради, работилници, магацини и нерезиденцијални згради за земјоделска дејност кои имаат мала побарувачка на енергија. Исто така, осолободени се и зградите за домување кои се користат или се направени со намера да се користат за период помал од четири месеци во текот на годината, самостојни згради со вкупна корисната површина помала од 50 метри квадратни, времени објекти, помошни згради на системите за електронски комуникации, згради кои не се греат или се греат на температури до +12 степени и засолништа.
Законот за градење, пак, предвидува од 1 јануари 2015 година да се изрекуваат казни од 1.000 до 3.000 евра на физички и на правни лица кои нема да обезбедат сертификат за енергетски карактеристики на зградата.
OhridNews