Македонските компании кои извезуваат на европскиот пазар обврзани се на декларациите јасно да го наведат потеклото, нутритивните табели, отстапките во нето тежината, особено алергените и тоа со болдирани или букви означени во друга боја.

Ова денеска го соопшти Агенцијата за храна и ветринарство информирајќи дека стапија на сила новите правила за прецизно означување на  храната во Европската Унија.

Најновите измени на ЕУ во делот на означувањето на производите содржани се во регулативата 1169 од 2011 година, која претставува сублимат на досегашните засебни директиви со кои се регулираше оваа област.

Новите правила за означување на храната се обврска за операторите за подигнување на нивото на информираност на потрошувачите. Со нив од  означување се преминува на информирање за храната и тоа во сите три фази- означување, презентирање и нејзино рекламирање.

За информирање на операторите со храна за новините во означувањето во ЕУ, Агенцијата за храна и ветеринарство во соработка со коморите, во текот на ноември и овој месец, организира осум работилници. Во тек е измена на Законот за безбедност на храна во кој ќе се инкорпорираат европските новини во означувањето на храната по што ќе се донесе и нов Правилник за означување кој детално ќе ја уреди оваа област.

Новите одредби од Законот кои се однесуваат на означувањето, за домашните производители ќе почнат да се применуваат од 01 јуни 2015 година.

OhridNews

Извор:„Макфакс“