Стартува владиниот проект „Мој ДДВ“, со кој се предвидува поврат на ДДВ од 15 проценти. За да добијат поврат на парите, граѓаните со телефонска апликација ќе треба да ги скенираат баркодовите на фискалните сметки кои ги добиваат при купување или користење на некоја услуга.

Апликацијата ќе може да ја користи секое лице над 15-годишна возраст со важечка лична карта и трансакциска сметка, кое е регистрирано во системот на Управата за јавни приходи. Ќе важи само за граѓаните и за фискалните сметки до 30.000 денари, но не и за фактури и сметки со сметкопотврди.

Апликацијата „Мој ДДВ“ дозволува скенирање само на валидни фискални сметки. Со скенирањето на баркодот системот на Управата за јавни приходи ги вчитува сите податоци од фискалната сметка, а незаконските компјутерски сметки системот нема да ги препознае.