Не е толку несфатливо ако се донесе закон со кој се забранува пушењето на јавни места. Но, многу е неразбирлива една друга вистина која вели дека УЈП корне, коли , беси со наплатата на бесмислените казни (меѓу кои би била и казната за пушење на јавно место)  чија вредност се извишува до небо, во период на тешка економска криза кога граѓаните се затекнати во таква ситуација во која едвај сврзуваат крај со крај, па уште – за да бидат срамнети и победени од непријателот-(ујп), им се наметнуваат казни од огромна парична вредност.

Секогаш зборуваме како нашата мила мајка Македнонија е изнапатена, колку многу претрпела, како 500 години била под турско ропство…. Кога ќе подразмислам малку подобро, и не и било многу лошо во тој период. Во турското време можеби немало забрана за пушење на јавни места, но имало можности за сите луѓе. Ако на еден мал трговец се забележела криза во неговиот бизнис, тогаш паметниот Турчин не му ја дерел кожата со даноци, туку му давал шанса да преживее  за да може да ја развива сопствената трговија, па кога ќе биде подобро ситуиран ќе му биде наплатен соодветен данок.  И така, се толерирале, напредувале, растеле, се развивале.
           
Деновиве се изнаслушавме за законот кој вели : забрана за пушење на јавни места! Забраната стартува на 01.01.2010 година во 00:00h. ! Принцип!!! И точка! Закон! Излегував секој ден по охридската чаршија и ги слушав реакциите на граѓаните, особено на сопствениците на малите угостителски објекти. Замислете- секаде е празно. Нема промет.. нема пари..нема гости во нашиов туристички центар. Ми кажуваа споредби со минатата година- па ова сега што се доживува, не може со ништо да се спореди. Ова е катастрофа!!!  … А сега капак на сето тоа – ако во нечиј објект се запали цигара после полноќ на новогодишната ноќ, кутриот газда ќе мора да го затвори објектот- казната е преголема! И секој нареден ден  законот ќе коси низ јавните објекти. Не дека не ми годи тоа што нема да се пуши… размислувам за свеста на некои несовесни луѓе кои намерно би испровоцирале казна за одреден сопственик… Замислете огромна дискотека, гужва, масовен собир… секако дека ќе се појави некој несовесен граѓанин  кој нема да може да се помири со овој закон.

Не сум пушач, ниту пак сум страстен приврзаник за одредена политика.  Јас сум дел од народот, сосема исфрустрирана личност поради големите апсурди кои ги спроведува државата, надевајќи се за влез во Европа…Светот. Се  прашувам како оваа сиромашна држава би се снашла во светот на богатите земји? Не може да биде во чекор со нив се додека го уништува сопствениот народ. Наместо да се погрижи да излеземе од оваа криза и да ги подобри условите за работа, државата се фали дека во оваа година на економска криза има најмногу профит од наплатените даноци. И ништо не би ме чудело, ако не споменеме дека голем дел од инспекторите кои се адолжени на терен, се условени во својата работа и работаат на процент. Па заради сето тоа, постојат сите nonsens казнувања и барања “  во јајцето влакно” на секој мал трговец кој, треба ли да се потенцира дека од својот бизнис црпи за преживување на семејството??? 

Кампањите кои се родија последниов период би биле сосема во ред, но – за некое друго време. Забрането пушење- ДА, кампања за трето дете- ДА, плаќање даноци за се и сешто-ДА-, .. Но сето тоа во некоја држава која би ја нарекла УТОПИЈА. Не и овде, не сега, не кај нас. Токму поради ваквиот режим кој шири незадоволство и очај, подмирувањето на своите должности кон државата, граѓаните го гледаат како најнепријателски потег. Токму поради тоа, управата за јавни приходи им е најголемиот непријател… А кога веќе ги споменувам, треба  да ѕирнеме малку и во администрацијата, во државната служба,  и да ја запрашаме нашата контрола колкумина од таа фела се луѓе кои работаат со договор на дело – а знаеме дека за непријавените работници се плаќа огромна казна од десетици илјади евра? Само во Македонија се донесуваат и се сменуваат даноци преку ноќ. И така, ја играме играта на  Сизиф и неговиот камен – карпа. Маченички, жално, но вистинито. До кога? Никој не знае.
 
Среќна ви Нова Година, работници! И, бидете внимателни… Изгаснете ги цигарите во 23: 59h. за да може мирно да ја преспиете првата новогодишна ноќ…
                                                                                           

 M.Ш.