Денес во селото Љубаништа беше ставен во употреба мини плоштадот кај споменикот на паднатите борци. На 220 метри квадратни поставени се бекатон плочки, клупи, саниран е оштетениот споменик, а реконструиран е и стариот потпорен ѕид. Поставена е и фонтана, а просторот е и хортикултурно уреден и осветлен.
– Јавните претпријатија во соработка со локалната самоуправа, во рамки на востановената пракса за рамномерен развој на сите населени места во општината, го уредија овој простор. Со тоа им излеговме во пресрет на мештаните кои бараа да го уредиме овој мини плоштад, кој во иднина ќе биде атрактивно место за одмор и рекреација, изјави градоначалникот Никола Бакрачески.
Благодарност за уредениот простор искажаа и жителите.
– Се надевам дека и понатаму ќе има дополнителни работи со кои ќе се подобри животот на жителите. Плоштадот доби сосема нов изглед, тука ќе може да се одмараат сите генерации и да уживаат во оваа прекрасна глетка, рече претседателот на месната заедница, Ѓорѓи Траески.
Од локалната самоуправа најавуваат проширување на реконструктивните зафати на истиот простор и доградба на уште една рекреативна површина, за чија цел во наредните две недели ќе биде изработен идеен проект.
Градоначалникот Бакрачески потенцира дека и во наредниот период продолжуваат активностите за уредување на руралните средини.
OhridNews