ЕВН ја повлече одлуката за исклучување на пумпните станици во Дебрца и истите се повторно ставени во функција, информира градоначалникот Зоран Ногачески на фејсбук профилот.

Општината и ЈПКД се отворени за спогодбено надминување на проблемите со операторот на електрична енергија, вели во објавата Ногачески.

Во текот на вчерашниот ден Ногачески најави дека општината ќе поднесе тужба со барање за времена мерка повторно вклучување на електричната енергија на пумпните станици.

Исклучувањето што го изврши ЕВН е спротивно на член 44 од Правилата за снабдувањето со електрична енергија според кој операторот не може за неплатени сметки да исклучи водоснабдителен систем. Операторот може да побара од должникот да се склучи договор со кој ќе се дефинира гарантен инструмент дека сметките ќе се плаќаат. Ако должникот не прифати склучување на таков договор тогаш може да се примени мерка исклучување, истакнува Ногачески.

Инаку, ЕВН ги исклучи од снабдување со електрична енергија пумпните станици за вода во Арбиново, Издеглавје, Требеништа, Мешеишта и Оровник пред два дена во попладневните часови поради долг на ЈКП за електрична енергија, со што жителите останаа без вода за пиење.

OhridNews