Несовесноста на одредени граѓани, но уште повеќе на надлежните институции резултира со уште една спасувачка акција која беше спроведена во текот на вчерашниот ден на патниот правец Охрид-Отешево, велат од Планинската спасителна служба Охрид.
Потенцираат дека Јавното претпријатие за државни патишта и Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта (Македонија пат) и покрај неможноста за соодветно одржување на патниот правец, не дозволуваат истиот да биде физички затворен за сообраќај со поставување на времена рампа, како што велат, најмалку на позициите од кои со програмата за годишно одржување од 15 ноември до 15 март има воведено целосна забрана за сообраќајот.
Уште еднаш јавно ги повикуваме ЈПДП и ЈПОЗМРП да дозволат поставување на физички бариери (рампи), инвестиција која комплетно финансиски би ја спровеле ние во соработка со НП „Галичица“. Оваа апсурдна ситуација мора да прекине, една рампа во случајов ќе спаси многу граѓани од непријатности и ќе заштеди многу непотребно потрошени ресурси и безбедносни ризици на службите за спасување, велат од ПСС Охрид.
Операцијата за евакуација на две лица кои со лесно возило се заглавиле во снежните наноси на самиот превој во координација со оперативниот центар на Планинската спасителна служба Охрид на терен ја спровеле ренџерската служба од Националниот Парк „Галичица“ и ТППЕ Охрид согласно договореното од последниот состанок со останатите служби за евакуација на луѓето, без обврска и непотребни обиди за извлекување на возилото.
Операцијата ја нарекуваме „драматична и трагикомична“, од причини што спасителните тимови на терен се соочија со апсурдна ситуација, по пристигнување на лице место, како и во телефонската комуникација со барателите на помош, да бидат вербално навредувани од лицата и истите да не прифаќаат да си одат без нивното возило. Во наведената ситуација, беше искористена и телефонска асистенција од граничната полиција, разговор по кој конечно лицата се согласија да го остават возилото и да бидат пешки спроведени до возилата на НП „Галичица“ и ТППЕ и понатаму со истите до Охрид, додаваат од ПСС Охрид.
Граѓаните со низа коментари на социјалните мрежи од тоа дека тие што не ја почитуваат забраната треба да си платат за користење на луѓе и техника за нивно спасување, до тоа дека не е човечно да се остават, но треба да си потпишат изјава дека ќе го надоместат трошокот за нивното спасување, но и дека нормално е да не сакаат да си го остават возилото.
Прашуваат дали Македонија пат треба да биде толку изненадена од временските услови и дали навистина е толку тешко да се оспособи патот за користење? Меѓу нив и коментари дека можеби поставувањето на рампи се најлесно решение, но за најважниот туристички регион во Македонија е срамота да не биде во употреба овој патен правец преку цела година.
Инаку, пред само неколку дена од ПСС Охрид упатија предупредување и апел за избегнување од употреба на патниот правец Отешево-Охрид, поточно делницата Дервен-Царина кој согласно годишната програма за одржување на патишта е категоризиран во трета категорија со што, како што беше потенцирано, практично воопшто не се одржува во зимскиот период и е комплетно небезбеден за сообраќај.
Воедно напоменаа и дека во изминатите три викенди, оперативниот центар на ПСС Охрид добил голем број повици за асистенција на заглавени возила, а интервенирале дури во 13 случаи за извлекување.
Н.С.Ј.