Дали општина Охрид ќе го добие бараниот кредит кој треба да го релаксира финансиското работење на Локалната самоуправа, не зависи од Владата, смета министерот за финансии Зоран Ставрески.

– Параметрите за задолжување се еднакви за сите општини. Доколку општина Охрид ги исполнува условите предвидени со законот нема причина да не биде удоволено нејзиното барање, меѓутоа таа очигледно има полоша финансиска состојба  заради тоа што има наследено проблеми и сметката не и е ликвидна. Од тие причини треба да се види колкав капацитет има општината за задолжување, односно дали некоја од банките би и дала средства, изјави министерот Ставрески при неодамнешната посета на Охрид.

Тој искажа подготвеност да и помогне на општината, отфрлајќи ги обвинувањата на градоначалникот Петрески, кој тврди дека и покрај многуте обиди не може да обезбеди средба со министерот за финансии на која ќе се разговара за проблемот на Охрид.

– Секогаш кога се бара нешто треба да се знае што точно се бара и тоа да се направи на адекватен начин. Ние немаме причина да не разговараме, бидејќи граѓаните не треба да трпат од тоа дали е локалната власт во оние или овие раце. Градоначалникот се гледал со мене, а ќе се гледа и во иднина, а јас се надевам дека ќе најдеме решение за овој проблем, додаде Ставрески.

Градоначалникот на Охрид, Александар Петрески, во изјава за OhridNews дадена деновиве, истакна дека се исполнети сите услови општината да добие кредит, што ќе придонесе за стабилизација на нејзината финансиска состојба, со оглед на неповолните камати кои градот ги плаќа секој месец за долговите наследени од минатото.

-Исполнети се сите услови општина Охрид да добие кредит. Советот донесе одлука за кредитно задолжување, а веќе постои и интерес кај банките да ни дадат кредит. Единствено сега останува државата да ни даде дозвола за кредитно задолжување, односно да не ни прави опструкции, рече Петрески.

Доколку општината го добие бараниот кредит, според Петрески, ќе се создадат услови за делумно ослободување на државата од плаќање на комуналии за реализација на проектот „Плаошник 2014“.

-Доколку добиеме одобрение за кредит може да размислам оние објекти кои се од јавен интерес да ги ослободам од комуналии. Тоа нема да важи за комерцијалните објекти бидејќи треба да се има предвид дека до Плаошник водат патишта, а под нив има инфраструктура, која со градежните зафати и тешката механизација која тука ќе поминува сигурно ќе се оштетат, истакна Петрески.

Охридскиот градоначалник како неприфатлива ја оцени иницијативата на советничката група на ВМРО ДПМНЕ средствата од комуналиите за објектите кои ќе се градат на Плошник да се пренаменат за изгрдба на нов објект во кој  би се сместил театарот или некоја друга културна институција.

Според најавите, на Плаошник до 2014 година треба да се изградат 23 објекти, кои се двојно поголеми од Светиклименотвиот храм Свети Пантелејмон, што предизвика големи реакции во стручната јавност која бара амбициозниот владин проект вреден 9 милиони евра сериозно да се преиспита, затоа што истиот може да ја наруши автентичноста на старото градско јадро кое е под посебна заштита.

OhridNews