Основниот и суштински проблем за сите оние кои говореа вчера и се прогласуваа за лидери на опозицијата е недостаток на кредибилитет, немање на конкретни дела и проекти зад себе. Ова, како што пренесува „Макфакс“, денеска на прес конференција го изјави членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Зоран Ставрески, при тоа додавајќи дека СДСМ е позната по честото менување на своите ставови.
Тој го праша лидерот на опозицијата Бранко Црвенковски што тие направиле за пензионерите, за студентите, за земјоделците, за невработените…
„Вчера, Бранко Црвенковски и СДСМ повторно, по којзнае кој пат, се скара со сите институции, организации и поединци. Се скара со сите кои не мислат како него. Бранко Црвенковски вчера ги навреди и заплаши синдикатите, коморите, новинарите, интелектуалците, стопанствениците- само поради тоа што никој од нив не верува дека Бранко Црвенковски има знаење и капацитет да им ги решава проблемите“, рече Ставрески.
Според него, Бранко Црвенковски и Љубчо Георгиевски, заедно, искажале една многу опасна, но и погрешна теза, дека доколку Македонија добие датум за преговори тоа значи промена на името.
„Тоа не е точно! Ова е погубна теза со која Црвенковски и Георгиевски сакаат да создадат впечаток дека дури и ако постигнеме успех дека е штетно. Во исто време велат ако не добиеме датум за преговори, повторно не чини, зошто пак, така Владата ги блокирала европските интеграции. Значи и да добиеме и да не добиеме датум за преговори, Бранко и Љубчо ќе велат дека не е добро“, изјави Ставрески.
Тој се осврна и на барањето на Црвенковски за предвремени парламентарни избори, потсетувајќи дека и претходно лидерот на опозицијата побарал предвремени избори, па ги изгубил.
„Црвенковски е свесен дека поразот на локалните избори за него навистина ќе значи дека ќе мора да си оди од политиката. Затоа се обидува со повик за предвремени парламентарни избори да го мотивира сопственото членство. Во тоа дека тој нема капацитет да победи веруваат и неговите најблиски соработници, кои без дилема, му откажаа и се повлекоа од трката за локални избори, чекајќи го него сам да го понесе поразот на локалните избори. Ние знаеме дека барањето за предвремени парламентарни избори е барање поради тоа што Црвенковски нема што повеќе да изгуби“, рече Ставрески.
Тој најави дека ВМРО-ДПМНЕ на следните локални избори ќе го порази СДСМ и нема да дозволи, како што рече, Македонија да биде заложник на личната кариера на Црвенковски и на неговите политички желби.
„Тој кажа дека следните локални избори ќе бидат референдум. Ние му порачуваме дека ќе бидат референдум против погрешните политики на Бранко Црвенковски и Љубчо Георгиевски заедно. ВМРО-ДПМНЕ нема никаква обврска, ниту пак намера да ги исполнува личните желби на Црвенковски. Ние ги признаваме и прифаќаме единствено обврските спрема граѓаните“, рече Ставрески.
извор:„Макфакс“