„Струга ќе добие Технолошко-индустриска зона која ќе почне да се гради летово и ќе отвори голем број вработувања. За првите инвеститори ќе биде подготвена од октомври, а интерес имаат пројавено веќе две европски компании.“ – изјави вицепремиерот и Министер за финансии Зоран Ставрески, при денешната посета на Струга каде заедно со кандидатот за градоначалник од редовите на заедничката коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ Владимир Кочоски, остварија средби со бизнисмени од овој регион.
Како што истакна вицепремиерот, проектот за изградба на ТИРЗ е заеднички на Владата и локалната власт, а со двете големи инвестиции ќе бидат креирани над илјада работни места.
„Интерес за инвестирање пројавија две европски компании. Едната е од автомобилската индустрија, а другата е од електронската. Очекувам во наредните недели и месеци да завршат успешно тие разговори и да успееме да ги донесеме во зоната во Струга, што би значело креирање на речиси 1000 работни места само од тие две компани.“ – додаде вицепремиерот Ставрески.
Кандидатот за градоначалник на Струга од редовите заедничката коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, д-р Владо Кочоски, истакна дека како иден градоначалник, уште од првиот ден ќе ги реши патните и комунални проекти со цел економската зона да заживее во најкус можен рок.
„Во наредните месеци во Струга, ќе се отворат фабрики од домашни и странски инвеститори. Тоа се 2000 нови рабони места кои ќе обезбедат пристојни приходи во 2000 струшки семејства. Како иден градоначалник, уште од првиот ден ќе се зафатам со решавање на сите инфраструктурни и комунални проекти се со цел оваа економска зона да заживее во најкраток можен рок.“ – истакна Кочоски.
OhridNews