Австрија минимално со 1-0 ја совлада Молдавија и направи огромен чекор напред кон пласман на евросамитот во Франција. Мечот кој го водеше македонскиот интернационалец Александар Ставрев мина во доминација на лидерот на табелата кој го диктираше темпото во текот на целиот меч, креираше многу шанси, но во погодок успеа да претвори само една.

Бункерот на гостите беше скршен во 52 минута кога фудбалерот на  Вердер , Јунузович најбрзо реагираше на одбиената топка по ударот на Дејвид  Алаба  и погоди за ерупција на стадионот во Виена.


–    Знаев дека ќе се појави дупка во нивната одбрана. Очекував таква поставеност од гостите, но игравме стрпливо и бевме наградени за таквата игра. Не секогаш се игра “чоколаден“ фудбал“, 1-0 победивме, прво место во групата сме, ни фали само бод, може малце и да се радуваме – рече Марсел Колер, швајцарецот на клупата на Австрија.

До првиот историски пласман преку квалификации “скијачката “ нација ја дели само еден бод. Австрија има само едно учество на ЕП и тоа 2008 година кога заедно со Швајцарија беа домаќини.

Група А : Русија – Шведска 1-0, Австрија – Молдавија 1-0, Црна Гора – Лихтенштајн 2-0.

Табела : Австрија 19, Шведска 12, Русија 11, Црна Гора 8, Лихтенштајн 5, Молдавија 2.

Од Виена, Австрија : Мирко Постоловски