Прв пат во историјата на македонскиот фудбал еден фудбалски судија од нашата држава ќе биде дел од европската судиска елита, меѓу 40 најдобри на стариот континент.

Со одлука на Судискиот комитет на УЕФА, во таа група од 2012 година ќе се наоѓа и нашиот најдобар судија Александар Ставрев како круна на неговото одлично судење во последните три години.

Тој досега се наоѓаше во т.н. втора група на 76 европски судии, во која беше и поранешниот меѓународен судија Емил Божиновски.

Со пласманот меѓу 40 елитни судии во Европа, Ставрев ќе може да суди во завршните борби од Лигата на шампионите откако успешно го положи тестот на средбата Барселона – Викторија Плзен, а влегува во игра и за делење на правдата и на светските и на европските првенства, како и на Олимписките игри.

Ohridnews