Како што одминува времето, товарот сé повеќе надвиснува врз плеќите на избраниците на селекторот Јовица Арсиќ, кои во Полска ќе имаат исклучително тешка задача за истовремено водење спортска, но и на политичка војна, која самата ситуација им ја наметнува, и тоа без нивна желба.
Стефанов: Против Грција со ладни глави
18.08.09 00:05
Капитенот на жолто-црвената чета, Врбица Стефанов, има рецепт како да се издржи притисокот, кој од ден на ден е сé поголем, но и да се стигне до толку посакуваната победа.
– На натпреварот со Грција треба да гледаме како на уште еден обичен меч и ништо повеќе од тоа. На средбата со јужниот сосед мора да и пристапиме со ладни глави, сконцентрирани само на спортскиот дел од натпреварот. Ние сме спортисти и не гледам причина зошто политиката би се пренела на терен, иако сум свесен дека ќе биде тешко да се одделат двете работи – ни изјави Стефанов.
– Доста добро се познавам со поголем дел од грчките репрезентативци, а со дел од нив и имам настапувано и заедно. Сигурен сум дека на паркетот нема да има никаков проблем, со оглед на тоа што и ние и тие сме професионалци што живеат од кошарката. Очекувам исклучително интересен натпревар. Шансите за победа ги гледам во нашиот колектив и во нашата смирена игра. Доколку во мечот со Грција би влегле со голем набој и преголема возбуда, сигурен сум дека нема да поминеме добро – дополнува капитенот Стефанов.
Македонските кошаркарски репрезентативци во скопската сала „Борис Трајковски“ ќе работат до следниот четврток. Потоа следува патување во германскиот град Бамберг и учество на „Президент купот“ (21-23 август), каде што наш прв противник ќе биде домаќинот Германија. Втората двојка ја сочинуваат Хрватска и Полска.
М.П.
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com










