Минатиот петок  во Сиднејскиот театар  (Sydney Theatre Company) на сцена за последен пат беше прикажана познатата драма „Изгорен“ (Burnt) од нашиот драматург Стефо Нантсоу кој исто  ja режисер оваа продукција. Стефо Нантсоу не е познат во македонската јавност но ова е можност да се запознаеме повеќе со овој извонредно талентиран драматург, глумец и режисер.

Драмата „Изгорен“ е инспирирана и работена врз основа на вистинити настани и лични трагедии на луѓе што живеат во регионална Австралија, за семејства кои страдаат поради долгорочната суша и како истата влијае врз животот на младите и целото семејство. Преку повеќето карактери што извонредно ги толкуваат артистите Стефо Нантсоу, Том Ликос и Линди Сарделич се запознаваме со штетата скакулците што им ја нанесуваат на фармите, со економската криза, климатските промени, семејните проблеми како и сушата. Фармерите заколнати дека сé ќе направат да ги зачуваат своите фарми се борат за последната капка вода и како давеници се држат за сламка за спас од долговите и кредитите. Борбата за опстанок е тешка и затоа многуте ги продаваат своите фарми само да ги платат своите долгови или пак стануваат жртва на менталните болести, некои дури и посегаат по својот живот.

Тематски опфаќајќи ја тешкотијата на фармерскиот живот, оваа продукција  привлече огромно внимание од регионалните заедници кои побараа преку Сиднејскиот театар оваа престава да се прикажува во сите регионални подрачја на Нов Јужен Велс. Од јуни минатата година досега на сцена оваа драма е поставена повеќе од стотина пати и се планира подолгодрајна турнеја до најизолираните регионални подрачја.

Стефо Нантсоу е роден во Њукастел,  а неговите родители потекнуваат од Котори и Брезница (Егејскиот дел на Македонија). Зад себе Стефо има една богата 30 годишна театарска кариера со над 120 продукции. Тој не само што пишува пиеси, туку глуми и режира. Во 1989 година го формира својот Zeal Theatre и преку него има направено над 42 оргинални продукции, вклучувајќи ја познатата драма „Камењата“ која е преведена на 20 јазици и доживеа над 1000 престави како во Австралија така и во прекуокеанските земји. Во 2005 година Зил Театарот беше награден со престижната награда АССИТЕЈ во Монтреал – Канада.

Стефо Нантсоу моментално работи и во Австралиско-Македонскиот театар од Сиднеј на најновата престава „Мр Балкан“  преку која за време на националната Недела на бегалците ќе се одбележи егзодусот на Македонците од Егејскиот дел на Македонија.

Душан Ристевски