Портпаролот на СДСМ Петре Шилегов, денеска попладне потврди дека универзитетскиот професор Стево Пендаровски, е меѓу кандидатите на опозициската партија за претстојните претседателски избори.
Претходно, некои медиуми јавија дека Пендаровски прифатил да биде кандидат на СДСМ за претседателските избори, а дел од медиумите пишуваа дека тој ќе биде единствениот кандидат.
Шилегов информираше дека во партијата досега се поднесени осум кандидатури, меѓу кои и кандидатурата за Пендаровски.
„Во рамките на демократската процедура која што се одвива внатре во органите на СДСМ, Општинските Организации до Извршниот одбор на партијата предлагаат кандидати за можен кандидат за претседател на Република Македонија. Денеска, во 17 часот е седницата на Извршен одбор на којашто ќе бидат утврдени кандидатот или кандидатите кои што ќе бидат доставени до Централниот Одбор и до Конгресот. Меѓу имињата е и името на господинот Пендаровски“, изјави Шилегов на прес конференција.
Притоа тој негираше дека се држела во тајност кандидатурата на Пендаровски.
„Не, не е тајност. СДСМ е партија којашто инсистира на реализација на статутарните одредби, за разлика од нашите опоненти. Согласно одредбите од статутот на СДСМ треба да бидат запазени сите постапки и процедури за да го обелодениме името на кандидатот“, вели Шилегов.
Тој информираше дека лидерот на партијата Зоран Заев остварил средби со сите кандидати кои биле на листите на Општинските организации на СДСМ.
OhridNews
извор: „Макфакс“