– Се надевам граѓаните ќе ја препознаат вистинската листа, левичарската нитка. Ние излегуваме на избори, а не ги бојкотираме, бидејќи сакаме да помогнеме со тоа што ќе направиме низа проекти кои ќе му го вратат сјајот на Охрид. Јас сум еден од основачите на СДСМ, партија која се надевам ќе смогне сили да излезе на избори каде се добива власта, а не на улица со бојкот или револуција, затоа што оружјето во овој момент е на страна на власта, рече Стевоски.
Тој нагласи дека на поднесената независна листа за советници има имиња на голем број членови на СДСМ кои сакаат да му помогнат на Охрид, чиј приоритет е да им ја вратат надежта на луѓето, да го вратат спортот онаму каде му е местото, градот да биде безбеден, а не како што рече Стевоски, да живееме во град во кој силеџиите станаа херои, а насилството занимање.
Запрашан дали очекува дека ќе биде исклучен од членството на СДСМ поради ваквиот негов чекор, Стевоски со одговор: – СДСМ има свои правила и статут, се што ќе одлучат јас ќе прифатам. Сеуште не сум исклучен и не знам дали тоа ќе биде нивната одлука. Зад овој мој чекор не стои ВМРО- ДПМНЕ. Нашата идеја е револуционерна левичарска, немаме никаква допирна точка со ВМРО- ДПМНЕ, со мене се луѓе кои имаат револуционерни идеи за иднината на Охрид.
Стевоски потенцира дека не е случајност што денешната прес- конференцијата се оддржува пред некогашното седиште на општинската организација на СДСМ.
– Од овде почнаа корените на социјалдемократијата, но во овој момент во земјава нема ниту „С“ од социјалдемократија и солидарност, ниту „Д“ од демократија. Се надевам луѓето ќе ја препознаат кај нас социјалдемократската нитка, рече Стевоски.
Тој информира дека голем број граѓани му изразиле поддршка и дека се надева дека до крајот на денот ќе бидат собрани потребните 350 потписи за учество на претстојните локални избори.