Владата на ДУИ и СДС и резервниот премиер Димитар Ковачевски, повторно посегнуваат по лаги не знаејќи како да се покријат за очигледните нечесни намери во договорот со Бехтел и Енка. По не знам кој пат повторуваат дека трасата за автопатот Кичево-Охрид била згрешена и дека проектот бил направен во 2013 година. Ова на прес конференција го изјави Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ

Трасата за автопатот Кичево-Охрид е избрана во периодот 2002 година, кога со Агенцијата за државни патишта управува кадар на ДПА, сегашен коалиционен партнер на СДС. Основниот проект за изградба на автопатот Кичево-Охрид е изработен од проектантот Маврово (Прима инженеринг), ЗИМ (Завод за испитување материјали) и Балкан консалтинг во 2003/2008/2009 година, кој е  ревидиран во 2014 година од страна на Градежниот факултет во Скопје, а делови од ревизијата се правени и многу порано при изработката на проектите. Во 2013 и 2014 година од страна на Градежниот факултет во Скопје е изработен и т.н. инфраструктурен проект за автопатот Кичево-Охрид, што е проект за тоа на кои парцели и каква инфраструктура има на трасата и врз основа на кој се врши експропријација на земјиштето. Сосема нормално е што во текот на градбата, за вакви големи проекти е тие да се надополнуваат поради промена на терен и јавување на нов градби. – посочи Стоилковски.

Тој тврди дека до  денеска не е направена апсолутно никаква промена на трасата за овој автопат Кичево- Охрид, а се потпишаа еден куп на анекси, со еден куп дополнителни работи, но проектот и понатаму стои.

Како за споредба автопатот Миладиновци-Штип е долг 47 км. Проектот за автопатот Кичево-Охрид е долг 57 км! Во меѓувреме, предвидениот автопат Кичево-Охрид имаше вредност од 374 милиони, го доведоа до над 600 милиони евра. ДУИ и СДС не знаат како да реализираат автопат кој што им беше предаден 50% завршен, за кој што постои целосен ревидиран главен проект, за кој што постои обезбедено финансирање со каматна стапка од 2%, каде надзорот го прават двете најголеми и најискусни надзорни компании од Македонија и каде договорот транспарентно беше усвоен во Собранието на Република Македонија. Единствена причина поради која не се завршува автопатот Кичево-Охрид е неспособноста на Владата на ДУИ и СДС. – посочи Стоилковски.

Наместо да го завршат автопатот Кичево-Охрид, ДУИ и СДС пројавуваат амбиција да водат уште поголем автопатски проект, неколку пати поголем од автопатот Кичево-Охрид, каде се уште нема изработено главни проекти, каде се уште не е обезбедено надворешно финансирање, каде надзорот ќе го врши фирма со искуство во текстилна индустрија и со договор кој се крие од јавноста, а одговорен ќе биде вицепремиер од ДУИ кој од градежништво знае како да купува дуќани во центарот на Скопје и хотели на Попова Шапка по багателни цени, додаде Стоилковски.

OhridNews