Ракометниот клуб Вардар в сабота со почеток во 17 часот и 30 минути во Скопје пред своите гледачи во спортската сала „Јане Сандански“ во мечот на колото ќе го пречека унгарскиот гигант Веспрем. „Црвено црните“ подготвени се да одговорат на предизвикот и свесни дека гостинските ракометари ќе бараат начин да се одмазад за поразот во првата етапа од групната фаза.

Победата против Рајн Некар ни ја олесни задачата. Тоа нема да не опушти, бидејќи не чека уште еден тежок дуел против Веспрем. Подготвени сме за она што претстои и очекувам да одиграме максимално добро за да дојдеме до посакуваниот резултат. – изјави капитенот на Вардар, Стојанче Стоилов.

Предводникот од клупата Гарсија Парондо очекува тешка и тактичка средба со Веспрем и најави можен кам бек на Вуко Борозан и бразилецот Мораеш.

  • Очекувам тешка средба против Веспрем. Ни остануват уште три средби и работевме добро во минатите денови и подготвени сме за она што претстои. Сакаме многу бодови во последните три средби. Ќе ни биде навистина тешко бидејќи Веспрем е квалитетна екипа во која играат многу добри ракометари. Сакаме да победиме и победата е најважна за нас. Во последните денови Борозан и Мораеш работеа заедно со нас и ќе видиме како ќе биде. Доколку биде сè во ред со нив тогаш ќе ги имаме на терен и в сабота. Со Горбок ситуацијата е поинаква. Сигурно ќе помине уште еден месец додека можеме да сметаме на него. – рече шпанскиот стручњак.

Вардар со седум победи, едно реми и три порази се наоѓа на втората позиција, додека Веспрем со бод помалку е третопласиран на табелата. Лидер во групата е Барселона со девет победи во вкупно единаесет одиграни натпревари.

OhridNews