Предложените измени во однос на паркирањето во Охрид опфаќаат пониски цени и современ начин на наплата. Во однос на улицата „Јане Сандански“ и булевар „Туристичка“ како паркинг зони, само се реализира одлуката на советот донесена во 2013 година, рече на денешната прес конференција градоначалникот Јован Стојаноски.

Стојаноски објасни дека со предлог одлуката која утре ќе се најде на дневен ред пред советниците, се предвидени три зони-А, Б, и Ц, наместо досегашните А и Б зона.  Цената во А зона наместо досегашните 40 денари ќе биде 30 денари, а во Б зона досегашните 30 денари се намалуваат на 20 денари. Цената за паркирање во новододадената Ц зона, која ги опфаќа и улиците „Јане Сандански“ и дел од булевар „Туристичка“, ќе изнесува 10 денари.

Немаме додавање на нови улици. Како улици на кои се предвидува наплата за паркирање, „Јане Сандански“ и „Туристичка“ се додени во 2013 со одлука на советот. Мораме да ги ставиме, бидејќи се со одлука на совет и мора да ги почитуваме одлуките на советот, затоа мора да влезат во режимот на паркирање. Од 2013 до 2017 не е вршена наплата на овие две улици заради неподготвеноста на јавното претпријатие „Билјанини извори“. Односно додека не се создадат услови, а тоа ќе биде од месец септември, изјави Стојаноски.

Градоначалникот потенцира дека основна заложба на локалната самоуправа е да се намали хаосот во сообраќајот и да се модернизира наплатата за паркинг услугите, што доколку утре одлучи советот, ќе се врши преку СМС систем.

Во доставената физибилити студија во 2013 беше наведено дека системот ќе чини над 100.000 евра, со јавно приватно партнерство и дека провизијата на приватниот партнер ќе биде 25,5%. Сега, целокупниот систем го воведуваме без јавно приватно партнерство, го добиваме за 400.000 денари и најниска провизија од 14%, додава Стојаноски.

За стариот дел од градот градоначалникот најави нов режим на сообраќај и, како што рече, радикална идеја која може да се реализира уште оваа година, но откако ќе се одржи јавна расправа со жителите од тој дел од градот.

Т.К.