Ние како држава треба да обезбедиме подеднакви услови за реализација на образованието, без разлика дали тоа се спроведува од страна на државните институции или приватниот сектор, рече при денешната посета на образовниот центар Пи-Си, министерот за образование на Република Македонија, Перо Стојаноски.

Министерот Стојаноски рече дека е најважно, луѓето кои го завршуваат образованието да се стекнат  со одредени квалификации со кои  ќе си обезбедат место на пазарот на трудот.

Неопходно е секогаш да сме во дослух со современиот технички развој.Неформалното образование од една страна претставува критика за јавното, а од друга страна, знаењата стекнати преку него се несомнено корисни, рече Стојаноски и додаде дека интересот на учениците согледан при денешната посета во образовниот центар Пи-Си го оправдува и новиот универзитет за информатички технологии кој владата планира да го отвори од наредната учебна година.

Иднината на Република Македонија ја гледам само преку развојот на ваквите дисциплини Во Охрид сме 15 години  и на некој начин сме репер за неформалното образование, изјави директорот на образовниот центар Пи-Си, Ангел Јанев.

Очигледно е дека родителите не штедат средства за да им дадат на своите деца дополнително знаење, со кое тие ќе можат да бидат расположливи за реалниот сектор. Мораме конечно да се свртиме од теоретското кон практичното знаење и ова е одличен пример како може да се направи таквата работа, подвлече, кандидатот за градоначалник на Охрид од ВМРО-ДПМНЕ, Кирил Трендафилов – Нанче.

При посетата на Пи-Си, министерот Перо Стојаноски потсети дека во текот на последниве години се донесени повеќе законски акти од областа на образованието.

А.Р.