„На конкурсот може да се јави секој и конкурсната комисија одлучува за кого и како треба да постапи понатаму, односно кои луѓе треба да се примат“, изјави денес градоначалникот Јован Стојаноски кој ги коментираше актуелните случувања во основното училиште „Св.Климент Охридски“, каде по завршувањето на договорите на дело на двете наставнички и дефектологот, иако конкурирале на распишаните конкурси за вработување биле одбиени, а на нивно место ќе бидат вработени други лица.
Стојаноски вели дека по завршувањето на договорите на 30-ти ноември, тие биле продолжени за да нема конкурс на средина од полугодието. Затоа конкурсот бил распишан кон крајот на првото полугодие.
– Некаде продолжија старите, некаде има нови вработувања. Всушност и заради тоа имаше промена во локалната самоуправа, има нов градоначалник, има нова политика во образованието. Се е сосема легално, согласно законските прописи. Конкурс имаше и на него може секој да се пријави. Па дури и оние кои во изминатиот период беа бркани од истите тие училишта. Значи треба да ја сфатиме работата во еден подолг временски период, во континуитет, како се одвивале работите и се надевам дека сето ова ќе биде сфатено од граѓаните како една нормална законска процедура, изјави градоначалникот.
OhridNews












