Скенирање на состојбата во општинската администрација и јавните претпријатија и изготвување на буџетот за 2018, е она на што ќе работи во првите недели од мандатот новиот градоначалник на општина Охрид, Јован Стојаноски кој денес официјално ја презеде функцијата од досегашниот прв човек на градот, Никола Бакрачески.

Упатувам благодарност до Бакрачески за досега направеното, секогаш треба да гледаме на позитивните работи и секогаш да ги надоградуваме работите кои нашите претходници ги направиле. Се надевам на одлична соработка со граѓаните, да ги остваруваме сите проекти кои сме ги зацртале како неопходни за развој на градот, Охрид да оди во позитивен правец. Посакувам граѓаните да бидат трпеливи, затоа што знаат дека не одат секогаш работите како што очекуваат- брзо и едноставно, сепак сме општина која има одредени проблеми, но како човек се надевам дека во наредниов период ќе ги решаваме сите тие проблеми и ќе постигнеме развој на градот. Посакувам одлична соработка со општинската администрација, да работиме во мирна, тивка и професионална атмосфера, заедно да ги реализираме проектите и тековните програми, рече градоначалникот Стојаноски.

Стојаноски истакна дека еден од приоритетите е подобрување на работењето на општинската администрација, за чија цел веќе од наредната недела ќе се одржуваат обуки за вработените.

Посакувам да нема отпуштања и да има нови вработувања во администрацијата и јавните претпријатија, затоа што сите граѓани кои биле активни за време на изборите, тоа го очекуваат од нас. Сепак треба да ги разбереме и вработувањата кои ги направил претходниот градоначалник дека биле продуктивни, конструктивни и во правец на подобро извршување на обврските. Наредната недела, во рамки на почнатиот проект со меѓународните институции, почнуваат обуки за вработените и во тој правец треба да ја гледаме подобреноста на општинската администрација. Со вклучување на млади луѓе за проекти со кои ќе се аплицира за добивање нови средства од меѓународни фондови а со тоа ќе се отворат и нови работни места, истакна Стојаноски.

По чинот на примопредавањето на градоначалничката функција, Стојаноски и Бакрачески имаа и краток разговор, како што истакнаа и двајцата, пријателски разговор во кој новиот градоначалник добил и одредени совети, дадени од „прва рака“.  

Сосема пријателски разговор. Се познаваме над 35 години. Во кабинет влеговме двајца пријатели кои ги делеле клупите од прво одделение, што не прави горди. Потекнуваме од исто маало и училиште и секако ова е успех на целата генерација, не само на нас двајца, рече Бакрачески.

Секогаш е добро да се слушне што е тоа што најмногу го нервирало или поттикнувало досегашниот градоначалник и од „прва рака“ да дознаеш што е она кое ќе ти е најголемиот проблем во иднина, а всушност која е и позитивната страна на функцијата. Сме имале политички разидувања, но никогаш не сме си упатиле лош збор. Посакувам така да биде и во иднина со опозицијата, изјави градоначалникот Стојаноски.

И додека новиот градоначалник го минува првиот ден во градоначалничкиот кабинет, Бакрачески работниот ден ќе го помине на своето претходно работно место-во Заводот за кардиологија, обновувајќи ги своите вештини во интервентната кардиологија. Како што рече пред заминување, во општинската зграда влегол со „бел образ и чисти раце“ и така ја напушта. Горд е на сработеното, но и среќен што и се враќа на својата примарна професија.

Т.Кувенџиска