Членовите на новиот совет на општина Охрид, чиј мандат беше верификуван денеска, ги поздрави градоначалникот на општина Охрид Јован Стојаноски. Посакувајќи им успешна работа, тој изрази очекување дека тие ќе работат во интерес на граѓаните на Охрид и ќе бидат коректив на локалната самоуправа.

–Голема чест е и треба да ви претставува вистинско задоволство и обврска да бидете избрани од народот и да ги застапувате неговите интереси без оглед на верската, национална и етничка припадност на граѓаните. Мило ми е што овој состав на совет го репрезентира и составот на граѓаните во Охрид. Ви посакувам во наредните четири години да имате плодна работа, да го советувате градоначалникот за се што мислите дека погрешил и за се она што мислите дека е во интерес на народот и секогаш да ги застапувате интересите на народот, а не своите и интересите на локалната самоурава и на градоначалникот. Јас се надевам дека ќе бидете поуспешни од минатиот совет и ќе бидете пример за следните советници кои ќе дојдат после вас да бидат уште поделотворни, онака како што заслужува и му доликува на Охрид. Моја должност е да ги слушам и примам вашите совети без разлика од која партија доаѓаат и од кого доаѓаат и да ги применувам согласно законот во програмите за работа на општинската администрација. – истакна во своето прво обраќање пред советот градоначалникот Стојаноски.

Мандатот на новиот совет и градоначалникот истекува во 2021 година.

OhridNews