Претседателот на Здружението за кривично право и криминологија, професорот Трпе Стојановски, по предлогот на претседателот Иванов да се амнестираат обвинетите за насилните протести во Парламентот, во изјава за „Макфакс“ вели дека со тоа би имале потиснување на превенцијата каде што заканата од казна се дисквалификува. Стојановски вели дека со амнестија може да се влијае упадот во Собрание да се повтори.

Според законските прописи во Македонија, амнестија се дава во вид на ослободување од гонење или ублажување/ослободување на издржување казна, ослободување од правните последици на одредена пресуда, замена на поостра казна со поблага казна и бришење на правните последици од осудата.

„Имајќи предвид што се случуваше во Македонија во изминатиот период и поодамна, со заобиколување на постојните правни норми, имаме ваква ситуација, која оценивме дека е лоша. Досега не се случил ваков упад во Парламентот, и на тој начин индиректно ќе влијаеме на некој нов таков настан во некое блиско време“, изјави Стојановски.

Иако Ѓорге Иванов има механизми за помилување, тој топката ја префрли кај пратениците. Професорот Стојановски вели дека тоа е епилог на претходните вакви одлуки за аболиција кои покажале какви штетни последици можат да произведат во правниот систем.

„Веројатно постои некоја претпазливост во оценките и проценките како може да се направи ваков чекор. Од друга страна, интересот да се амнестираат насилството и другите тешки кривични дела со упадот во Собранието се аргументи кои поттикнуваат дека на таа тема следи расправа што ќе биде иницирана од политичките партии и претседателот на Република Македонија“, вели Стојановски.

Професорот потсети дека Македонија го има најкритичниот извештај од Европската комисија во однос на владеење на правото и човековите права, а тоа, според него, укажува на тоа какви одлуки треба да се донесат и како да се развива Македонија. Ако биде донесена одлука за амнестија, таа ќе биде негативна, а случаите треба да се гледаат индивидуално, додава професорот Стојановски.

OhridNews
извор:„Макфакс“