Богата но кратка беше фудбалска кариера на Митко Стојковски. Иако беше во одбраната, во дресот на Црвена звезда во 100. вечно дерби против Партизан постигна погодок и беше прогласен за играч на мечот, со германски Штутгарт беше дел од финалето на Купот на победниците на купови, кое го доби Челси со 1-0, но не влезе во игра.

Фудбалската кариера ја заврши во дресот на Пелистер во 2001 година со освојување на трофејот во националниот куп. За македонската фудбалска репрезентација одигра 29 меча и постигна пет гола. Македонија во 1994 година имаше „пеколен“ почеток на квалификациите, а токму Стојковски беше стрелец на првиот гол против Данска (1-1).


– Помина многу време од тогаш до денес. Во тој период беше сатисфакција да играш за репрезентацијата на Македонија. Еуфоријата беше голема, особено кај фудбалерите, каде имаше голем елан и голем мотив, а исто така беше и со публиката. Тогашната репрезентација беше составена од големи имиња, како Дарко Панчев, Илија Најдоски и Чеде Јаневски, а селектор беше Андон Дончевски. Групата во која се најдовме во квалификациите за СП беше исклучително тешка, Данска, која беше европски првак, Белгија и Шпанија. Но и во таа група ние успеавме да ги изненадиме Данска на домашен терен и Белгија на гостински, играјќи двапати реми – се сеќава Стојкоски.

И покрај вечниот оптимизам, Стојкоски смета дека доста тешко можеме да стигнеме до Мундијалот во 2014 година во Бразил.

– Оваа генерација ја очекува една група што навидум не е толку атрактивна, меѓутоа тука е Хрватска, која одлично го одигра Европското првенство, беше на прагот да ја елиминира Шпанија, ја имаме Србија, потоа Белгија, која е во подем, како и Шкотска и Велс, кои не се во самиот врв, но се доста квалитетни селекции. Има подмладување во составот, гледам селекторот Џон Тошак се обидува. Ќе биде многу тешко, колку и да сме оптимисти, мора да бидеме реални дека доста тешко ќе може да направиме некаков успех, што лично за мене сметам дека ќе биде и освојување на третата и четвртата позиција. Сега е вистински момент за една смена на генерации, но во никој случај да не се заборават и да се стават во втор план резултатите. На нашиот национален тим му се потребни повеќе позитивни резултати во серија за да се врати самодовербата, но и расположението кај фудбалската јавност – реален е Стојкоски.
М.П.